ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Џафери денеска ќе му ја предаде премиерската функција на Мицкоски

По синоќешното гласање во парламентот и изборот на новиот владин состав, за денеска во 10 часот е закажано примопредавањето на премиерската функција. Во зградата на Владата ќе се сретнат досегашниот премиер на техничката Влада Талат Џафери, кој ќе му ја предаде функцијата на новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски.

По пристигнувањето во зградата на Владата, како што најавуваат владините прес-служби, сè уште актуелниот и новоизбраниот премиер ќе имаат кратка средба.

Освен за премиерската, церемонии за примопредавање на функциите ќе има и во министерствата меѓу актуелните министри во техничката Влада и новоизбраните министри.

Со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“, Собранието вчеравечер ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ.

На синоќешното гласање „против“ новата Влада се изјаснија пратениците од СДСМ и Левица, додека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ја напуштија седницата пред нејзиното завршување.

Христијан Мицкоски го доби мандатот за состав на нова влада откако неговата партија победи на парламентарните избори во мај годинава и освои 58 пратенички места во Собранието.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button