Џафери ги отфрли тврдењата дека го прекршил Деловникот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за потребата за уставни измени по исцрпувањето на листата на говорници на пленарната седница на 18 август.
Џафери рече дека „тенденцијата за криво информирање го навело пред граѓаните да ја образложи својата постапка“.
Седницата беше свикана за 18 август според глава 5 на Деловникот во која се пропишани чекорите за текот на една седница, рече Џафери. Како што кажа, продолжението завршило со негова констатација дека претресот е завршен и дека за тоа кога ќе продолжи седницата пратениците ќе бидат дополнително известени.
„Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема доволно пратеници за да гласаат за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Ова е текстот на член 81 став 1 врз основа на кој ја прекинв седницата. А во ставот 5 стои дека времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Собранието, и никој друг. Тоа се дискрециони права според деловникот“, изјави Џафери.