
Швајцарскиот репрезентативец, Гранит Џака, во неформален разговор со домашните медиуми изјави дека Англија е еден од најсериозните противници на Европското Првенство и објективно кажа дека „Гордиот албион“ е најголем фаворит за шампионската титула.
Џака и неговите соиграчи прикажаа одлични партии на турнирот, но капитенот предупредува дека Англија е огромен фаворит и очекува максимално залагање од сите во тимот.
„Имаме прекрасна авантура на ова првенство. Не сакаме да заврши, желбата е да одиграме уште еднаш максимално посветено и да се обидеме да ја изненадиме Англија. Да не се лажеме, тие се први фаворити за трофејот, а за нас никој веројатно не помислуваше дека можеме да се најдеме во оваа фаза.
Не би сакал да речам дека немаме што да загубиме, затоа што влогот е голем. Ова е историска шанса за двете репрезентации, а ние ќе го дадеме нашиот максимум за добро издание. Против Англија никогаш не е лесно“, изјави играчот на Баер Леверкузен.
Швајцарија ќе излезе на мегдан со фаворизираната Англија на петти јули, а почетокот на овој меч е закажан за 18:00 часот.