ВЕСТИСВЕТ

Џулијан Асанж ослободен од затвор откако постигнал договор со американското Министерство за правда

Џулијан Асанж е ослободен од британскиот затвор и се очекува да се изјасни за виновен за кршење на американскиот закон за шпионажа, во договор што ќе му овозможи да се врати дома во родната Австралија, пренесува „Гардијан“.

Advertisements

Асанж (52), според пишувањата на „Гардијан“, се согласил да се изјасни за виновен по едно кривично обвинение за заговор за добивање и откривање доверливи документи за националната безбедност на САД, според поднесоците во американскиот окружен суд за Северните Маријански Острови.

Викиликс на социјалните мрежи објави видео од неговиот основач како синоќа се качува на лет на лондонскиот аеродром „Станстед“, а австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека го напуштил Обединетото Кралство.

Асанж, наводно, патува на сослушување на островот Саипан на Северните Маријански Острови, каде што се очекува утре во 9 часот по локално време да биде осуден (23 часот по Гринич во вторник). Според Албанезе, тој е придружуван од високиот комесар на Австралија во Велика Британија, Стивен Смит.

„Без оглед на ставовите што луѓето ги имаат за Џулијан Асанж и за неговите активности, случајот се одолговлекува предолго, нема што да се добие од продолжувањето на неговиот престој во затвор и сакаме тој да се врати дома во Австралија“, рече Албанезе.

Според договорот, кој мора да биде одобрен од судијата, Асанж најверојатно ќе ги добие петте години што веќе ги одлежа и нема да се соочи со нова затворска казна.

Во писмото до федералниот судија во Окружниот суд за Северните Маријански Острови, висок функционер на Министерството за правда рече дека бил испратен во Саипан поради неговата „блискост до земјата на државјанството на обвинетиот“. Официјалниот претставник додаде дека откако ќе заврши сослушувањето за изрекувањето на пресудата, се очекува Асанж да отпатува за Австралија.

Викиликс на Икс објави дека Асанж го напуштил затворот Белмарш во понеделникот наутро, по 1 901 ден поминат таму. Тој го помина времето, рече организацијата, „во ќелија од 2×3 метри, изолиран 23 часа на ден“.

Асанж требаше повторно да се сретне со неговата сопруга Стела, која на Икс потврди дека е слободен. Таа им се заблагодари на поддржувачите на Асанж, велејќи „зборовите не можат да ја изразат нашата огромна благодарност“.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button