
Не е можен солиден економски раст без соодветна дигитализација на институциите. Ова е заклучокот од извештајот на Европската банка за обнова и развој кој освен за земјава е посветен и на останати триесетина држави. Во анализата се наведува и дека Македонија треба да посвети поголемо внимание на одливот на квалификуваната работна сила во странство, која пак, е клучна за дигитализацијата.
„Најголемо внимание треба да му се посвети на намалувањето на одливот на квалификувана работна сила, особено со дигитални вештини, како и на унапредувањето на дигиталните обуки од страна на работодавачите. Колку се поограничени дигиталните вештини, толку е потешко да се користат новите технологии и поограничени се изгледите за раст, во свет којшто го презема дигиталниот сектор“, вели Анита Ангеловска-Бежоска гувернерка на Народната банка.
Во однос на претходните години, од Европската банка велат дека има подобрување, но препорачуваат дека во моментов акцентот треба да се стави на подигнување на дигиталните вештини во образованието. Извештајот на банката покажува дека индексот на дигитализација на скалата од 100, Македонија е на ниво од 59 проценти во однос на неопходните услови за дигитализацијата и 48 проценти во однос на употребата на дигитални технологии од страна на компаниите и граѓаните.
Според надлежните, земјава е на ниво блиску до регионалниот просек, но далеку е од посакуваниот резултат од над 70%. Податоците велат дека дигиталната инфраструктура и дигиталните вештини кај нас не се многу променети во последниве пет години.
Иле Петревски