ДИК ги утврди поважните рокови за локалните избори

Листите со кандидати за локалните избори се поднесуваат до општинските изборни комисии заклучно со 11 септември до 24 часот. Изборната кампања стартува на 27 септември и трае заклучно со 15 октомври на полноќ кога настапува изборниот молк пред гласањето на 17 октомври. ДИК ги утврди поважните рокови за локалните избори. Жрепките за утврдување на редоследот на гласачкото ливче ќе се извлекуваат најдоцна до 23 септември.
На тој ден Државната изборна комисија ќе организира потпишување на изборниот кодекс за фер и демократски избори со претставниците на подносителите на листите. Собирањето потписи за поднесување независни листи ќе почне на 16 август и ќе трае 15 дена заклучно со 30 август. Ќе се реализира во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК низ државата и пред надлежни нотари кои ќе бидат определни од самите подносители на листи. Јавниот увид во избирачкиот список ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември на полноќ.
„Кога сме кај јавниот увид ги известуваме граѓаните дека независно од јавниот увид што согласно законот трае задолжително за време на распишани избори, ние како ДИК, согасно законот, четири пати во годината го ажурираме избирачкиот список и електронски на веб-страницата граѓаните можат во секое време, 24 часа, да се проверуваат“, рече Борис Кондарко – член на ДИК.
На 16 октомври, кога ќе биде во сила изборниот молк, ќе гласаат болните и немоќните. Седум дена пред изборите трае рокот за нивно пријавување. Набљудувачите и претставници на меѓународни мисии и амбасади за мониторинг на изборите ќе може да се пријават до 6 октомври. Партиите пак, најдоцна до 1 септември ќе добијат известување од ДИК за да именуваат свои претставници и заменици во избирачките одбори, а тие за пет дена треба да ги достават нивните предлози.
Алсат