
Столе Димитриевски повторно се наоѓа во една „дежа-ву“ ситуација. Нешто слично како и пред две години кога беше пред трансфер во Барселона, и сега Димитриевски е во една непријатна ситуација со оглед на тоа дека веќе има начелен договор за трансфер во Валенсија, но се уште не може да се официјализира.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, Валенсија најпрво треба да го продаде сегашниот голман Мамардашвили, па потоа да го доведе Димитриевски. Токму поради тоа македонскиот голман, како што пишуваат шпанците, го губи трпението бидејќи сегашниот договор со Рајо му завршува на 30. јуни, а информациите се дека прифатил да почека до денот на истекот на договорот.
Ако Валенсија до 30. јуни не успее да го продаде грузиецот, тогаш Димитриевски се очекува да го продолжи договорот со Рајо Ваљекано, откако претходно, пак, одби понуди од Бетис и Севилја.