
Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, го коментираше црвениот картон на Винициус Жуниор на натпреварот против Валенсија по инцидентот со македонскиот голман Столе Димитриевски.
По една размена на зборови и конфликт откако Винициус падна во казнениот простор, Бразилецот го удри Димитриевски во пределот на лицето, а судијата со помош на ВАР му даде црвен картон на Бразилецот, одлука која е престрога според трофејниот тренер.
„Мислам дека немаше црвен картон. Димитриевски го чепна Винициус, а потоа Вини реши да го турне. Според мене, двајцата заслужија жолти картони. Ќе се жалиме на одлуката“, изјави Анчелоти по мечот.
Реал Мадрид победи на „Местаља“ со пресврт, па се претвори во главен кандидат за титулата во Примера.