Диви депонии го загадуваат Дебар, НВО ги лови со дрон
Диви депонии го загадуваат Дебар, НВО ги лови со дрон

Голем број диви депонии со најразновиден вид на отпад и градежен шут можат да се забележат во околината на Дебар и населените места. Добар дел од тој отпад преку атмосферската вода потоа се влева во реките, но и во Дебарското езеро. Неодамна биле лоцирани и места каде биле фрлени повеќе од 200 автомобилски гуми. Една од нив била скоро до езерото.
„Во врска со оваа што се случува со селаните, крајниот резултат е загадувањето на Дебарското Езеро… Имавме акции кога собиравме над 600 пластични ќесиња од капацитет 20 килограми..“, рече Фљамур Муладаути-Центар за одржлив развој на заедницата во Дебар.
Една невладина организација нашла начин како да алармира кога ќе се појави некоја дива депонија. Преку дрон ги наоѓаат контаминираните локалитети и јавно ги објавуваат.
„Ние направивме една апликација наречена ‘Clean Dibra’ која е во платформите ‘Google’ и ‘I-store’. Граѓаните оваа апликација ја користат за пријавување на загадувањата во градот…“, изјави Шуип Марку-Центар за одржлив развој на заедицата -Дебар.
Секоја информација која доаѓа потоа се поставува на социјалната платформа Фејсбук и на веб-страницата на здружението. На тој начин информацијата стигнува до надлежните комунални институции, но и до полицијата кои би требало потоа нешто да преземат.
„Оваа е еден од проблемите кои бара решение. Се обидуваме на ваков начин да се зголемува граѓанското учество и да се подигне свеста на граѓаните…“, додаде тој.
Од организацијата се надеваат дека на овој начин ќе ги натераат локалните комунални власти да си ја зголемат активноста на теренот. Тука е и надежта дека преку дронското снимање и самите несовесни граѓани ќе знаат дека некој постојано ги следи и оти на тој начин ќе се намали загадувањето. Инаку, на самиот влез на Дебар се наоѓа и голема дива депонија, која со години е еден од главните загадувачи на градот./Алсат.мк
Мики Трајковски