Дивите депонии никнуваат во имоти на иселени граѓани во странство

Локалните власти во Струга се правдаат со ограничениот буџет кој го имале за расчистување на диви депонии. Општината се дави во голем број локации на кои има натрупано секаков вид смет, како во околината на градот, така и во населените места. Овој став на локалната власт доаѓа по минатонеделната реакција на 11 граѓански организации кои испратија писмо до општината со барање да се реши овој сериозен проблем.
„Писмата се разгледуваат. Буџетот е толкав колку што е.
-Колкав ви е годишниот буџет за расчистување на такви депонии?
Има согласно програмата за животна средина, мислам дека се околу 2 милиони или е подигната на 3 милиони денари за расчистување на диви депонии…“
–Дали се доволни?
Ако има подигната свест и совесно однесување на граѓаните ќе бидат доволни, во спротивно ништо не е доволно“, вели Митко Коркутоски-раководител на инспекторат за животна средина во општина Струга.
Една од првите слики за странските и домашните туристи и ова лето во Струга, наместо природните убавини, ќе бидат бројните депонии со градежен шут и секаков друг вид кабаст отпад. Властите велат дека депониите најчесто се создаваат во имоти на граѓани кои живеат во странство.
„Некои локации се веќе исчистени, но совеста на граѓаните е на ниско ниво и повторно се затрупуваат со градежен отпад“, додава Коркутоски.
Граѓанските организации го потсетија градоначалникот Рамиз Мерко дека стружани од кои го добил гласот да ја води општината, имаат право на здрава животна средина.
„Општина Струга е живеалиште на преку 60.000 жители кои плаќаат данок и заслужуваат квалитетен живот, животна средина и квалитетни јавни добра“, се наведува во писмото од граѓански организации.
Едно од решенијата за да се спречи депонирањето на отпад, инспекторите велат дека е во поставување на видео надзор, односно камери на локациите каде што најчесто се појавува овој проблем.
Мики Трајковски