ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дивоградби во струшко; Централната власт немоќна пред градоначалникот Мерко

И додека граѓанскиот сектор подолго време бара државата да стави рака на Струга и да го реши прашањето со нелегалните градби покрај самото Охридско Езеро на струшка територија, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски крева раменици и вели дека решавањето на ова прашање е во надлежност на локалната самоуправа и тие само можат да помогнат ако затреба.

Advertisements

„Мојот повик и нашиот апел од Владата е локалните самоуправи бидејќи имаат целосно ингеренции во тој дел, да си ги преземат одговорностите и обврските за да не ни се случи да ни биде загрозен статусот на УНЕСКО за целиот тој регион, бидејќи Охрид, Струга и целиот тој регион, нема да бидат истото кога во некој случај не би биле дел под културното наследство на УНЕСКО“, изјави Благој Бочварски-министер транспорт и врски.

Но, без да побара конкретна одговорност од Рамиз Мерко за неговиот однос кон ова сериозно прашање, Бочварски, вели дека доаѓаат избори, па граѓаните нека одлучат.

„На крајот на денот сите сме избрани од граѓаните, да ги чуваме овие вредности. На секои први наредни избори, граѓаните ќе ни ја испратат пораката дали ние сме си ја завршеле работата одговорно, така како што ни ги дале обврските и одговорностите. Сите останати прашања ќе ги упатите до општина Струга, до нивните планови и како планираат да се справуваат со она кое е предмет на одредени постапки на бесправни изградени објекти во заштитените зони и надвор од нив“, додава Бочварски.

Но, граѓанските активисти сметаат дека Мерко, не треба да ги игнорира предупредувањата кои доаѓаат од сите страни.

„Доколку во општина Струга има дивоградби посебно во крајбрежниот појас, дали се од цврста градба или од привремен карактер, тие треба да се урнат. Крајно време е да се слушнат сите апели кои доаѓаат и од ЕУ и од УНЕСКО, дека дивоградбите се закана за охридскиот регион и дека веднаш треба да се постапува“, вели Ѓоко Зороски-екологист.

И додека во Охрид, крајбрежјето се расчистува од тврди градби, нелегални објекти, шанкови и платформи, во Струга нема никакви активности на тој план. Мерко на неколку пати до сега тврдеше дека во Струга нема дивоградби покрај Охридското Езеро. Од Владата минатата недела за Алсат рекоа: „Општина Охрид го започна процесот. Во наскоро време очекуваме тоа да го стори и Општина Струга“.

Алсат уште минатата недела праша во општина Струга како планираат да го решат прашањето со дивоградбите во заштитената зона на езерото, но и со статусот на плажите, ако се знае дека на сите поранешни концесионери со години им се истечени договорите. Но, одговор сѐ уште не добивме.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button