ДКСК: Податоците за транспарентноста на политичките партии се поразителни

Податоците за транспарентноста на политичките партии се поразителни. Податоците за примени донации и годишни извештаи политичките партии имаат законска обврска да ги објават на своите веб страници, но од вкупно 31 политичка партија кои имаат интернет страница, седум ги имаат во целост објавено, три партии делумно ги објавиле, а 18 немаат објавено никакви извештаи. На три интернет страниците не им се активни. Ова го покажува посебниот Извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања Локални избори 2021 на Државната комисија за спречување на корупцијата.
ДКСК на денешната 61 седница го разгледа и усвои Извештајот за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања Локални избори 2021 и утре ќе го достави до Собранието, а потоа ќе биде и објавен на веб страницата на Антикорупција.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека согласно законската обврска тие ги следеле сите случувања и неправилности во текот на изборниот процес, од денот на распишување на изборите до изборот на градоначалници.
– Извештајот изобилува со разновидни анализи кои се надевам ќе помогнат во изнаоѓање јасни и недвосмислени законски одредби кои нема да остават простор за однесување без интегритет, изјави Ивановска.