ДНК анализа би можела да го промени нашиот поглед на древен Египет

Без разлика колку археолозите и египтолозите ја истражуваат историјата на Египет, тие постојано доаѓаат до откритија што менуваат сè што дотогаш мислевме дека знаеме за историјата и животот во антички Египет.
Така, ДНК тестот на коските на човек кој живеел пред 4.500 години во долината на Нил открил дека потекнува од друга голема цивилизација од тоа време – Месопотамија, која била оддалечена 1.500 километри.
Коските на човекот кој имал околу 60 години во времето на смртта и работел како грнчар за време на својот живот, биле анализирани во Ливерпул и покажале дека двете древни цивилизации одржувале некаков вид врска.
„Ако добиеме повеќе информации за ДНК и ги споредиме со она што го знаеме од археолошките, културните и пишаните информации што ги имаме од тоа време, ќе биде многу возбудливо“, изјави за BBC News професорот Понтус Скоглунд од Институтот Франсис Крик во Лондон.
Како што истакнува тој, биолошките методи им овозможуваат на научниците да добијат увид во животот на обичните луѓе, за разлика од археолошките методи кои почесто ги проучуваат најбогатите и најмоќните слоеви на општеството.
Археолошките докази сугерираат дека Египет и Месопотамија можеби биле во контакт уште пред 10.000 години, кога биле евидентирани почетоците на земјоделското општество. Научниците претходно верувале дека развојот на општеството во Месопотамија можеби влијаел врз слични случувања во Египет (на пр. развојот на пишувањето, културата, религијата итн.), но нема директни докази за контакт.
Оваа ДНК е доказ дека двете цивилизации биле во контакт и разменувале идеи, а идните примероци би можеле да откријат точно кога бил остварен првиот контакт, веруваат научниците.
Извор: BBC