До 10 мај ќе се потпише договорот за изградба на македонскиот дел од интерконекторот со Грција

Во следните десет дена ќе се потпише договор со македонска компанија за изградба на интерконекторот со Грција на македонскиот дел до граница, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која заедно со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски во разговор со дописничката на МИА од Атина говорат за билатералните енергетски проекти со Грција.
Божиновска и Бислимоски од вчера учествуваат на деветтиот Балкански енергетски форум што се одржува во Атина, а на кој министерката говореше за регионалната енергетска безбедност, истакнувајќи ја потребата Балканот да изгради заедничка енергетска иднина, додека пак претседателот на РКЕ го презентираше планот на земјава за остварување енергетска транзиција од јаглен кон хидроген и природен гас, но говореше и за долгорочната енергетска политика и што земјата им нуди на потенцијалните нови инвеститори.