До 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието, вели Џафери

Од средината на јануари треба да почнат формално – правните постапки за подготовка за избор техничката Влада која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај. Во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за премиер на техничката Влада изјави дека како ќе се одвиваат овие промени во смисла на тајмингот ќе се знае најверојатно од 9 јануари кога ќе се одржи првата координација со пратеничките групи во 2024 година. Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.
Овој пат оставка не треба да поднесе само претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, со што во оставка ќе биде и целата Влада, туку и актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за технички премиер од неговата матична партија ДУИ. Пред официјално да стане мадатар, на Џафери на посебна седница треба да му биде констатирана оставката, а потоа да биде избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, како што е предложено од СДСМ. Исто така ќе треба да биде пополнето и пратеничкото место на Џафери од листата ДУИ во Изборната единица 5. Изборот на техничката Влада е предвиден за 28 јануари.