ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

До крајот на годинава Уставниот суд ќе остане без уште еден судија

До крајот на годинава Уставниот суд ќе остане без уште еден судија

На државата и се заканува уставна криза. На ова алармира шефицата на Уставниот суд, Добрила Кацарска, ако до крајот на годината Собранието не избере нови уставни судии. Во ноември годинава истекува мандатот на уставната судијка Валентина Маркудова, а ако дотогаш нема нов избор, во Уставен ќе останат само четворица судии, кога судот нема да може функционира.

„Доколку до декември не се изберат комплетно судиите и не се комплетира Уставниот суд, тогаш дефинитивно Уставниот суд е блокиран. И тогаш ќе мора пред јавноста и пред граѓаните да излеземе сите и да кажеме дека веќе сме во уставна криза, затоа што судот со четворица судии не може да држи седници и не може буквлано ништо да работи. Но, искрено се надевам дека нема да се доведеме до таква ситуација како држава“, рече Кацарска.

По покана на Кацарска, државниот врв денеска беше на состанок во Уставниот суд. Таа ги информирала Пендаровски, Џафери и Ковачевски за состојбата во Уставниот суд, но по средбата никој од нив не сакаше да даде изјава за медиумите.

„Претседателот Пендаровски ја истакна потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови“, наведоа од Кабинетот на Пендаровски.

„Постапката за избор на нови уставни судии е заглавена во Комисијата за избори и именувања и единствено што може е да апелира до колегите да се однесуваат државнички и да овозможат одблокирање на изборот за час поскоро да се комплетира Уставниот суд и да може да продолжи со нормално функционирање и во полза на граѓаните“, наведуваат од Кабинетот на спикерот Џафери.

Моментално Уставниот суд функционира со пет судии, што е на граница од кворум за одржување на седници. Кацарска изјави дека поради ова многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат. Станува збор за законите за социјална заштита, јавното обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на Детални урбанистички планови. Во Уставен се чекаат предметите за Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците, кои нема да се стават на дневен ред сè до комплетирање на Уставен со девет судии.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button