До крајот на неделата ќе се знае дали АА на Таравари ќе остане во влада по напуштањето на коалицијата ВЛЕН
До крајот на неделата ќе се знае дали АА на Таравари ќе остане во влада по напуштањето на коалицијата ВЛЕН

Арбен Таравари со една нога во Владата, со друга во опозиција. Според информации на Алсат, премиерот Христијан Мицкоски започнал средби со албанските партнери во владата по настаните во коалицијата ВЛЕН. До крајот на неделата треба да се знае дали Алијанса за Албанците на Таравари ќе останe во Владата по формалното напуштање на коалицијата. Клучните личности во ВЛЕН бараат исклучување на Таравари од извршната власт, со образложение дека е неприфатливо да биде дел од власта, а истовремено да крои планови за соработка со опозициската ДУИ.
„Имавме сомнежи и информации уште пред почетокот на 2025 година, но конкретна информација добивме од медиумите. На заедничката средба во Приштина, тој и самиот призна дека има комуникација и договор за координација на понатамошни политички активности“, рече Билал Касами – претседател на БЕСА.
Таравари во неколку јавни настапи изјави дека има канали за комуникација меѓу АА и ДУИ, а тоа го релативизираше нагласувајќи дека комуникации имаат и другите партии ВЛЕН, нешто што беше демантирано од БЕСА, Демократското движење и Алтернатива. Алсат, пак, објави дека комуникацијата на АА со ДУИ не била само меѓу партиските претставници кои имаат пријателства и познанства, туку дека таа достигнала ниво на лидери. Таравари и Ахмети имале телефонски разговор, кој подоцна го признаа и двајцата лидери, едногласно потенцирајќи дека тоа бил само краток телефонски разговор и ништо повеќе.
Во врска со комуникацијата Таравари-Ахмети, претседателот на другиот дел на АА, Зијадин Села, откри дека имало дури и средби лице в лице. Села рече дека бил информиран од самиот Ахмети за 2-3 средби што ги имал со Таравари.
Не коментирајќи ја изјавата на Села која предизвика бројни реакции во јавноста, Таравари на Фејсбук накратко напиша дека единствениот компас за неговата ориентација е народот, кој е негова совест, глас и сила.
За ВЛЕН, ваквите средби претставуваат флагрантно кршење на волјата на луѓето кои гласаа за испраќање на ДУИ во опозиција.
Бурим Латифи од Демократското движење на Фејсбук реагираше дека контроверзниот договор за соработка со ДУИ претставува крајно отстапување од идеалите за кои пред една година се собраа петте политички субјекти ДД, Беса, Алтернатива, АА и Самоопределување.
Останува нејасно како за Арбен Таравари, ДУИ стана можна опција за соработка кога претходно ја нарекуваше рак на општеството, а пред два месеци од собраниската говорница рече дека на секој му е срам да изјави дека соработува со ДУИ.
„Настрана менталитетот на господинот Ахмети и менталитетот што го имате вие како ДУИ, ви велам, ви треба „ресетирање“. Треба да го смените начинот на кој ги гледате работите. Не функционира. Гледате, сите се оградија од вас. Меѓународниот фактор се огради, ВМРО се огради, СДСМ велат дека се дистанцирале од вас, срам им е да кажат дека соработувале со ДУИ, дали го имате ова предвид, дали се гледате малку себеси“?, рече Арбен Таравари, АА.