До крајот на неделата координатор на пратеничката група на ВЛЕН ќе биде Беким Ќоку

Коалицијата ВЛЕН оваа недела се очекува да формира нова пратеничка група со координаторот Беким Ќоку. Ова го потврди самиот Ќоку синоќа во интервју за Алсат, изјавувајќи дека нивната волја е повторно да продолжат заедно со 14 пратеници.
„Поднесено е само барање да се смени координаторот на пратеничката група. Наместо г. Снопче, бев предложен на последната седница на претседателството, првата и последната што досега се одржа кај ВЛЕН. Дури не бев ни присутен, бидејќи имавме гласање во Парламентот. Ме предложија да бидам нов координатор на пратеничката група“, рече Ќоку.
Прашање: Значи, формално велите дека ќе бидете координатор на пратеничката група од 14 пратеници?
„Официјално, до сега сме 14 пратеници. Потоа, ако петтемина пратеници на Алијанса мислат дека немаат место тука, тие ќе го изберат својот пат. Но, сè уште и овде пред вас, ги повикувам да продолжиме како една пратеничка група. Имаме иста битка, ги делиме истите убедувања. Сигурен сум дека и тие сè уште ги делат истите политички ставови“, рече Ќоку.
Овој потег не беше добро прифатен од пратениците на Алијанса за Албанците на Таравари. Халил Снопче вели дека тој е координатор на пратеничката група на ВЛЕН. Доколку ВЛЕН формира нова група, тогаш и Алијанса за Албанците ќе оди со своја пратеничка група.
„Јас сум координатор на пратеничката група „ВЛЕН“ со 14 пратеници. Тоа е вистината. Ако тие поднесат барање за нова пратеничка група од девет пратеници, тогаш пратениците на Алијансата за Албанците автоматски ќе бидат обврзани да формираат своја пратеничка група. Но, за сега повторувам, јас сум координатор на групата со 14 пратеници. Што ќе направат тие, не знам – кажано е многу, станавме каша попара, станавме како шпанска серија“, рече Снопче.
Имајќи предвид дека Ќоку ги покани и пратениците на АА да го продолжат заедно патот, Снопче вели дека постапуваат во согласност со одлуките на партиското раководство.
„Може да има индивидуални мислења, ние сме демократска партија. На крајот на краиштата, сме демократска држава каде секој може да ги изрази своите индивидуални ставови. Но, каква и да е одлуката на Алијансата за Албанците, нема никаков проблем со петтемина пратеници“, рече Снопче.
И од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ постојано се потенцира дека не сите пет пратеници на Алијанса за Албанците сакаат да се отцепат од парламентарното мнозинство, односно сакаат да продолжат со ВЛЕН.
Зекирија Хаџиу