До КСЗД, 77 претставки за заштита од дискриминација во вториот квартал од 2024, најчесто поради сексуална ориентација и попреченост

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го објави извештајот за периодот април – јуни 2024 година. Според податоците, во вториот квартал на 2024 година, до КСЗД се доставени 77 претставки и тоа 61 од физички и 16 од правни лица. Во споредба со истиот период во 2023 година, бројот на поднесени претставки е зголемен за 4,05 отсто.
Најчесто утврдени основи на дискриминација биле сексуална ориентација и попреченост, па потоа етничка припадност, род и политичко уверување.
– Од подносителите физички лица, 25 не доставиле податок за припадноста на пол. Од оние кои доставиле, 21 или 58,33 проценти биле жени и 15 или 41,67 отсто биле мажи. Во однос на националната припадност, 24 граѓани не се изјасниле. Од оние кои се изјасниле, 27 биле Македонци, седум Албанци, еден Влав. До КСЗД се доставени и две претставки од граѓани кои се изјасниле за друга етничка припадност – еден хрватска, а другиот не ја посочил припадноста. Во поглед на возраста, најмногу претставки се поднесени од граѓани на возраст од 41 до 50 години – 16 претставки. Податок за нивната возраст не доставиле 25 подносители на претставки. Вкупно 52 претставки поднеле граѓани или правни лица од Скопје. Потоа следат: по четири од Битола и Велес, три од Штип, по две од Прилеп и Тетово, по една претставка од Берово, Делчево, Долнени, Илинден, Кавадарци, Кочани и од Струга. Две претставки се поднесени од граѓанска организација со седиште во Белгија, а еден подносител е со адреса на живеење во Германија, се наведува во извештајот.