До правобранителот 40 претставки за загрозена животна средина, половината за загадениот воздух

Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.
Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре (20 и 21 ноември) е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“.
Во својот говор правобранителот Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении. Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.