До Владата пристигна предлог од француското претседателство за деблокада на евроинтерграциите

До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска владината Прес-служба.
– Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, се наведува во соопштението.
Од Владата посочуваат дека како и што ветија „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.
– Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, се додава во владиното соопштение.
Пред малку на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.
– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото, потенцира Макрон.