
Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Усман Дембеле се врати на тренинзите, пред реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на шампионите против Арсенал, соопшти францускиот клуб. Дембеле го напушти теренот поради повреда минатиот вторник за време на победата од 0-1 над Арсенал во Лондон.
Иако клубот не коментираше дополнително на прашањата од новинарите, враќањето на Дембеле на тренинзите со тимот се толкува како позитивен знак дека тој може да игра во среда и да му помогне на Пари Сен Жермен да стигне до своето второ финале во историјата на Лигата на шампионите.
Во петокот клубот соопшти дека „поволно напредува“ опоравувањето од истегнувањето на десната надколеница. Францускиот интернационалец е еден од клучните играчи во тимот на Луис Енрике оваа сезона, постигнувајќи 28 голови.
На првиот меч против Арсенал, Дембеле беше стрелец на единствениот гол во четвртата минута, но поради повреда излезе од игра во 70. минута.