Доктор Оз ја доби поддршката од Сенатот, ќе ја надгледува здравствената заштита на милиони Американци

Мехмет Оз, познат лекар и поранешен ТВ-водител, е потврден во американскиот Сенат за нов шеф на агенцијата која ја надгледува здравствената заштита на милиони Американци, јавува Би-би-си.
Оз, кој никогаш немал јавна функција, минатата година беше избран за оваа позиција од страна на актуелниот американски претседател Доналд Трамп и го назначи за директор на центрите за Медикер и Медикејд услуги (ЦМС).
Вчера неговата номинација беше потврдена во американскиот Сенат, кој е под контрола на републиканците, со 53 гласа „за“ и 45 „против“. Оз, кој има 64 години, е хирург и се прославил во раните 2000-ти години во шоуто на Опра Винфри. Неговите пристапи кон здравјето постојано беа под лупа на јавноста.
Тој претходно беше критикуван од здравствените работници за промовирање , според нив, лоши совети за лековите за слабеење и „чудесните лекови“, како и за тврдењето на почетокот на пандемијата дека лековите за маларија може да се користат за лекување на ковид-19.
Откако го назначи Оз на чело на ЦМС, Трамп рече дека можеби нема лекар поквалификуван и поспособен да ја направи Америка повторно здрава.
Во пресрет на инаугурацијата, тимот на Трамп објави дека Оз тесно ќе соработува со американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор за да се спротивстави на „индустрискиот комплекс на болести“.