Долгот на граѓаните кон банките е 3,9 милијарди евра
Долгот на граѓаните кон банките е 3,9 милијарди евра

Вкупно 3,9 милијарди евра изнесува долгот на македонските граѓани кон банките, покажува извештајот на Народна Банка. Според овие проценки, долгот на населението кон банките во август бил за 0,4 проценти повисок во однос на истиот месец минатата година, а на годишно ниво задолжувањето се зголемило за 7,2 проенти. Во текот на август граѓаните најмногу се задолжувале со девизни кредити, но генерално, на годишно ниво, преовладуваат денарските кредити кои граѓаните ги подигаат од банките. Статистиката покажуваат дека кога на граѓаните им требаат пари, тие се ориентираат најмногу кон потрошувачките кредити чие учество во вкупниот кредитен износ е 2,02 милијарди евра. Во месец август барањата за потрошувачки кредит забележале раст за 0,3 проценти, додека на годишно ниво се бележи зголемување од 6,4 проценти. . Кај станбените кредити месечното зголемување е за 0,8, а годишното за 10,8 проценти. Ги прашавме и граѓаните дали може да се преживее без кредит, а оние со кои разговаравме велат дека тоа е речиси невозможно.
Може ли едно семејство без да се задолжи во банка да преживее?
– Не може, мора да земе од банка, она минус, како се вика, за да живее. Или да работи, некаде да направи нешто. Јас гледам човек пензионер дошол да работи вика работам за да излезам на крај, рече еден граѓанин.
– Па, 70 отсто не можат, значи не можат да… Па тешко е се е скапо, всушност скапо, скапо е за кого е скапо, за некого не е скапо, додаде друг.
-За кој како не знам, кој работи може да се издржи, рече друг граѓанин.
Она што исто така е интересно е и дека долгот на граѓаните кон банките е повисок од долгот кон кој нив го имаат компаниите. Па така, според овие податоци, компаните им должат на банките сума од 3,64 милијади евра. Во текот на минатиот месец кај одобрените кредити на компаниите има зголемување од 0,5 проценти, додека на годишно ниво порастот изнесува 8,1отсто. Според Народна банка, тоа во целост е резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени./Алсат.мк
Михаило Донев