Донесен буџетот на општина Струга тежок 16 милиони евра, опозицијата критикува

Локалната власт во Струга го изгласа буџетот на општината за 2021 година одржувајќи ја седницата он-лајн, наместо со физичко присуство. Реагираа опозициските Алијанса на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека е невозможно на овој начин да се дебатира и да се донесе соодветен заклучок за дури 66 точки, колку што имаше на денешната седница на градскиот совет. Дополнителен проблем е што на јавноста ѝ е исклучено правото да ги следи седниците и покрај законската обврска, велат тие.
„Ние секогаш бевме против одржување на онлајн седници, затоа што на овој начин се манипулира со одредени точки“, рече Имер Имери-советник од Алијанса на Албанците.
„Апсолутно невозможно е еден член на советот било кој и да е да се припреми за таква седница со вкупно 66 точки на дневен ред….“, рече Ален Деребан-советник од ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на советот, Ресул Каба, вели дека и тој е против одржување на седниците он-лајн, но оти актуелната ситуација со пандемијата го налага тоа и оти сè било согласно законот. Буџетот на општина Струга за наредната година ќе изнесува 15,9 милиони евра.
Мики Трајковски