ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Донфрид: Иднината на Северна Македонија е во ЕУ

„Иднината на Северна Македонија е во Европската унија“, порача од Скопје американскиот помошник државен секретар за европски прашања, Карен Донфрид. Високата претставничка на САД нагласи дека членството на земјава во Унијата ќе придонесе за поголема стабилност во регионот.

Advertisements

„Сакаме да ја видиме Европската унија да ги одржи меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија што поскоро. Беа одложувани премногу долго. Напорно работевте и ги презедовте неопходните реформи, затоа заслужувате брзо да напредувате“, рече Донфрид.

Донфрид истакна дека во ова време на, како што вели, предизвици и можности, Северна Македонија застанала во одбрана на демократијата и човековите права и со нејзиниот пример наскоро ќе стане лидер за земјите кои се справуваат со предизвици, особено во областа на борбата против корупцијата и градењето на отворено и инклузивно општество.

Како потврда на добрите односи меѓу двете земји, во Вашингтон, на втори јуни годинава, претставници од двете земји започнуваат стратешки дијалог.

„Како САД очекуваме продолжување на добрата заедничка работа со Северна Македонија, но и со меѓународната заедница. Јас очекувам подлабоки разговори со вас, меѓу нашите Влади, во областа на одбраната и безбедноста, енергетиката и размената на информации“, додава Донфрид.

Донфрид ги оцени како продуктивни разговорите со премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Како што соопштија од Владата, станало збор и за ситуацијата во Украина, но и значењето за регионалната соработка од иницијативата „Отворен Балкан“. Сепак, повеќе детали од средбите зад затворени врати не беа споделени. Поради набиена агенда високата американска претставничка не одговараше на новинарски прашања.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button