ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Доцни изградбата на регионални депонии, општините фрлаат отпад каде ќе стигнат

Доцни изградбата на регионални депонии, општините фрлаат отпад каде ќе стигнат

Општините и граѓанските активисти од Југозападниот плански регион бараат државата да го забрза процесот на изградба на регионална депонија, процес кој доцни со години. Ваков капацитет за овој дел од државата треба да се гради кај битолското село Новаци. Таму сметот би го носеле и општините од Пелагонија. Но, додека тоа евентуално да се реализира, ќе бидат потребни неколку години. Дотогаш градовите ќе импровизираат и ќе продолжат да ја загадуваат животната средина. На пример на самиот влез на Дебар се наоѓа голема дива депонија.

Advertisements

„Проблемот со депониите во градовите е во цела Македонија и ова трае. Додека се изградат тие регионални депонии, мора да се инвестира во градските депонии, да се инвестира, да се рециклира отпадот и да се конзервира…“, изјави Шуип Марку-Центар за одржлив развој на заедниците од Дебар.

Лошо е во околината на Струга. За струшката депонија се води и судски спор во кој тужена страна е државата и некои локални институции.

„Во изминативе две години откако е поднесена тужбата фрлени се повеќе од 80.000 тони смет на депонијата. Со ова се зголемуваат и трошоците за справување со овој проблем“, нагласи Глигорије Ќатоски-граѓанска иницијатива „Доста е“.

Граѓаните на малата општина Дебрца со референдум одбија кај нив да биде изградена регионална депонија за Југозападниот дел на државава. Градоначалникот вели, решение треба да се бара со депонијата Новаци во Битолско.

„Се надевам дека овој пат сме на правиот пат и оти според она што е кажано, 2024 или 2025 година ќе заврши тој процес со изградба на депонијата во Новаци“, додаде Зоран Ногачески-градоначалник на Дебрца.

Проблемот со третманот на комуналниот смет се однесува на територијата на цела Македонија. Само Дрисла кај Скопје е изградена по некои стандарди, но и тие се далеку од оние на Европската Унија./Алсат.мк

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button