Доживотна казна затвор за убиството кај Мавровка

„Овој суд ве осудува на доживотен затвор во кој се засметува и времето поминато во притвор“, изрече Судот.
Доживотна казна затвор за 40-годишниот Елвир Куртовиќ, пресуди денеска кривичниот суд Скопје, откако обвинетиот призна вина за убиството зад трговскиот центар Мавровка во Скопје кое се случи на 20 август минатата година. Пред објавата на пресудата, судијката прочита вештачење од психијатар во кое се оценува дека Куртовиќ е психички здрава личност, со што според Судот, паѓа во вода образложението во неговото признание дека тоа што бил под дејство на дрога влијаело на неговата пресметливост за време на вршење на делото.
„Најнапред кажа дека два-три дена пред кривично-правниот настан бил под дејство на наркотична дрога кокаин. Елвин, во таа состојба сте се довеле самите себеси, тоа не значи за судот дека вашата кривична одговорност треба да биде намалена или избегната, во никој случај“, рече Моника Бахчовановска.
На 20 август 2024 година Елвин Куртовиќ го застрела 59-годишниот Васил Ефтемов на паркингот кај Мавровка, а потоа пред судот призна дека кога го извршил убиството откако излегол од затворот во идризово на викенд и не се вратил, постојано се дрогирал, а и на денот на убиството бил под дејство на кокаин. Откако го застрелал Васил, а од неговата сопруга зел чанта во која имало компјутер, побегнал со автомобил кон парк шумата Гази Баба, таму се префрил во друго возило, но во Чаир бил совладан од полицијата. Потоа, со истиот пиштол за кој немал дозвола, Куртовиќ пукал и кон четворицата полицајци вклучени во потрагата. Иако обвинетиот на претходното рочиште го призна кривичното дело убиство, тој негираше вина дека пукал кон полициајците кои се обиделе да го упасат и рече дека не е точно дека не поседувал дозвола за оружје.
Михајло Донев