Дрогата се повеќе достапна за младите

Употребата и продажбата на наркотични супстанции од страна на младите станува вознемирувачка појава. Овие супстанци од различни видови се уште подостапни за младите кога присуствуваат на ноќни клубови и музички настани.
По само неколку контроли, во хотелски објекти, на излетнички места како и на концерт за време на музички настан во Скопје, полициската единица за нелегална трговија на СВР Скопје открила 13 пакувања бел прав кај лице на мотор а во чанта под седиштето биле пронајдени поголем број банкноти од 50 евра и 1000 денари. При контролата од слобода се лишени И.П.(42) и А.К (20).
Граѓаните сметаат дека феноменот на употреба и продажба на наркотични супстанции од страна на младите е вознемирувачки, а во најголем број случаи сметаат дека семејното образование и економската причина се главни виновници што младите го бираат овој погрешен пат.
„Во училиштата треба повеќе да се внимава на воспитувањето на децата, да се едуцираат децата, повеќе да се занимаваат со спорт и културни активности, да се тргнат од тие појави“…
„Многу достапно за жал, на прво место е важно семејната едукација затоа што е основа на образованието, колку што е можно помалку слободно време, фокусирање на спортски активности, читање книги и така натаму“, велат граѓаните.
Од МВР велат дека во сузбивање на нелегалната трговија со дрога, СВР Скопје, покрај репресивни мерки, презема и превентивни мерки со зголемено присуство на патролни екипи на локации кои се познати како собирни места за забава, патролирање во близина на основни и средни училишта, едукативни и информативни активности за негативните појави и последиците од пороци, подигање на нивото за правилно препознавање на симптомите на негативните појави и едукативни работилници со претставници на невладини организации.
Авни Тахири