Државата им го уништува бизнисот, превозниците откажуваат тури поради документите

Хаосот со возачките и сообраќајни дозволи ги принуди превозниците со автобуси да ги откажуваат закажаните тури од утре, па натаму. За возачка се чека и по еден месец, а пролетните празници и сезоната за патувања е на прагот. Турите за 8 Март треба да се возат за 20-тина денови, но сите ангажмани сега им се неизвесни. Тоа значи и големи финансиски загуби за фирмите.
„…Тоа е страшно. Шоферите не може да се средат со документи. Процедурата и чекањето е големо. Од утре нема возење. Од утре нема да може да се излезе надвор од државата. Тоа е голем проблем“, вели Јован Мирчески-превозник.
Друг проблем се и сообраќајните дозволи, како дополнителен трошок. Сето тоа, поради неажурноста на државата, велат превозниците.
„Јас како превозник имам 25 возила… На еден шофер во еден момент му се потребни 14.000 денари да ги извади сите документи кои му се потребни за патување…“, додава Мирчески.
Во меѓувреме, ако работите не се променат, огромни финансиски проблеми им се закануваат и на туристичките агенции.
„…Доколку не се изнајде решение документите да бидат издавани побрзо, тогаш очекуваме да имаме проблеми. Доста луѓе од тоа што немаат пасоши откажаа патувања, не одат на патувања“, рече Јаким Маленко-сопственик на туристичка агенција.
Проблеми има и со налепниците на кои пишува НМК. Во дел од станиците за технички преглед има, некаде се потрошени, а во некои и воопшто ги нема. Но и тука има проблеми, бидејќи не само што треба ред за да се подигнат, туку потоа се чека ред и за овие налепници да се заверат во системот, а на крајот треба и овластено лице за да ги залепи.
Мики Трајковски