Државата не смееше да дозволи да останеме без јаглен

Освен недостигот на струја на глобално ниво, за енергетската криза во која се најде државава, дел од вината има и кај властите и лошото менаџирање во секторот енергетика. Експертите коментираат дека властите не смееле да дозволат државата да остане без доволно јаглен и мазут, кога акумулациите се празни и требале навремено да реагираат. Тие забележуваат и дека дозирано се објавувале информации за реалната состојба со струјата, во време на изборната кампања.
„Во ниту еден случај не треба да сме доведени во состојба како денешната односно да нема јаглен, хидро-акумулациите да се празни, да нема мазут и слично, сегашните мерки се многу задоцнети. Македонија никогаш немала опомени од ЕНЦО а сега за нас се дискутира во бордот на ЕНЦО за недозволено користење на струја. Најпрво треба да знаеме колку милиони евра ќе ни требаат до крајот на годинава а секако треба да се има и план за 2022 година. Сосема погрешна политика е да се кажува се е во ред за време на двата изборни круга а одеднаш на пролетните температури во ноември да прогласиме кризна состојба“, изјави Сања Божиновска- Консултант по енергетика.
Пред неполни две недели и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, и министерот за економија Крешник Бектеши уверуваа дека нема потреба од прогласување на кризна состојба во енергетиката, за само два дена по изборите да се согласат дека има потреба од прогласување на кризна состојба. За разлика од кај нас во поголемиот дел од земјите во светот мерки се донесоа но и почнаа да се применуваат. Замрзнување на цени на енергенси, субвенции за социјално ранливите граѓани, дополнување на резерви со јаглен, воведување на рестрикции во производствени капацитети. Енергетичарите апелираат до власите уште сега да се размислува за обезбедување пари во буџетот за 2022 година за ублажување на ударот кои граѓаните би можеле да го почувствуваат од јануари, за кога се најавува поскапување на струјата. Во предлог буџетот за следната година кој Владата веќе го достави до Собранието, нема предвидено пари за мерки за помош за ранливите категории на граѓани.
Андреа Чобанова