Државата остава без работа медицински сестри иако ги има сè помалку
Државата остава без работа медицински сестри иако ги има сè помалку

Здравствениот дом во Куманово се соочува со значителен недостиг од медицински, технички и административен персонал. Состојба е станата алармантна од април наваму, кога голем број медицински сестри останаа дома затоа што не им беа продолжени договорите за работа. Директорот на Здравствениот дом во Куманово Фарук Алили вели дека недостигот на кадар ја отежнува и забавува работата на медицинските екипи.
„Вкупно има околу 42 работници со договор, вклучувајќи медицински персонал, технички персонал и администрација. 21 се медицински лица, 14 технички, а 8 административни лица без кои не верувам дека ќе може да функционира Центарот за јавно здравје. Многу е важно да се вратат на работното место бидејќи како што знаеме персоналот е во поодмината возраст и секоја година одат во пензија, а знаеме дека овие сестри беа оние кои им пријдоа на помош на граѓаните за време на пандемија. Работата во здравствениот дом е незаменлива“, изјави Фарук Алили, Здравствен дом Куманово.
Недостигот на кадар станува сè поалармантен. Алили вели дека многу деца ќе ги пропуштат роковите за редовна вакцинација, особено оние кои се на училишна возраст.
„Ако имаме недостиг од медицински персонал, тогаш роковите ќе се одложат, работата нема да се заврши во наведениот рок или во роковите кои нашата институција ги договара со училиштата“, нагласи Фарук Алили, Здравствен дом Куманово.
Од Министерството за здравство нема одговор, а здравствените власти во Куманово велат дека во последните денови во соработка со Министерството за финансии и Министерството за здравство се размислува за нов модалитет со кој ќе се олесни состојбата со недостатокот на персонал. Инаку, недостигот на здравствен кадар е проблем кој ја засега секоја јавна здравствена установа во земјава.
Вјолца Алити