Државата се коцка со Законот за коцкање

Предлог-законот за коцкање засега останува надвор од собраниска процедура. Не е познато дали после 9 октомври ќе биде свикана седница на Комисијата за европски прашања, преку која Владата се обидува да го изгласа предлогот под знамето на ЕУ. Опозицијата ја извести делегацијата на Европската комисија, чија реакција се чини дека влијаеше и власта пред неколку дена предлогот го повлече од дневен ред без образложени. Против предложеното законско решение и тендерот за организација на онлајн коцкање денеска излезе и Здружението на спортски обложувачи во Македонија. Сметаат дека тендерот е наместен за странски компании и затоа 95 од домашните фирми се повлекле од постапката.
Опозицијата со денови ја обвинува власта дека со отворениот тендер за избор на компании кои ќе контролираат и организираат 49 проценти од онлајн коцкањето е зделка со бугарското подземје и бизнисменот Васил Бошков. Тој од 2021 година е на американската црна листа. Државната лотарија ги отфрли овие обвинувања со тврдење дека целта им е да се искорени нелегалниот пазар во земјава и оти нема прелиминарен договор со ниту една од компаниите, а тендерот е во тек. Во тендерска постапка има 1.500 ВЛТ машини нарачани од Државната лотарија на Македонија, а новата видеолотарија има нарачано 462 нови машини. Тендерот и законското решение ќе ја доведат државата до судска постапка со компанијата која била задолжена за организирање на коцкање со ВЛТ апарати. Спорот може да заврши во корист на компанијата поради тоа што Владата еднострано го раскина договорот со неа.
Владата во јуни одлучи да формира одбор на акционерски друштва кои ќе вршат надзор, регулирање и спроведување на онлајн коцкањето во С Македонија. Учеството ќе биде 51 – 49 отсто во корист на државата, односно новоформираната Државна лотарија и Видеолотарија.
Предлог-законот за коцкање и претходно беше доставен во Собранието. Тој предвидуваше дислокација на објектите за оваа намена на 500 метри од образовните и верските институции, заострување на условите и поскапување на новите лиценци за казина. Сега има нов предлог, а на него е ставено ЕУ знаме без конкретно да се објасни што има врска овој предлог со усогласувањето со законодавството на ЕУ.
Адријан Керими