Државата спрема лимит за највисоки плати

Министерството за информатичко општество и администрација изготвува нов Закон за плати, информираат од Владата. Со него се очекува да се ограничи износот на месечните примања кои ги земаат директорите, членовите во управните и надзорните одбори, како и останатите раководни лица во јавниот сектор. Од Владата повторија дека постојат функционери кои земаат повисоки примања од претседателот на државата и претседателите на судовите иако нивните јавни претпријатија работат во загуба.
„Законот за плати е во изработка и во него ќе се дефинира највисоката плата во државата за јавната управа. На приватните фирми тоа не може да им се определи. Треба да се утврди дали таа плата ќе биде на претседателот на државата, на претседателот на Уставниот суд или други, а потоа врз основа на таа највисока плата сите плати ќе бидат унифицирани, односно ставени во конзистентна рамка. Такви практики има и во земји-членки на Европската унија. Треба да се стави ред“, наведуваат од Владата.
Од Владата додаваат дека сепак подготовката на ваков закон е долг процес, со оглед на обемот на управата. Од друга страна, од опозицијата најавија поддршка за ставање лимит на примањата.
„Не само за плати, туку за ред други работи ветувале дека ќе донесат некакво законско решение, меѓутоа не сме виделе ништо конкретно од оваа Влада. Да, доколку е разумен законот, доколку се ограничат платите, особено во ваква економска и енергетска криза, секако дека ќе го разгледаме законот и би го поддржале доколку е разумен и во интерес на граѓаните“, рече Ивица Томовски – ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски денеска продолжи да објавува податоци за месечните примања на некои државни функционери. Откако вчера обвини дека раководни лица во М-НАВ се луксузираат со примања од четири илјади евра месечно, тој сега на тапет ги стави директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Неговата плата е 3.300 евра, а на директорот на државното Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, 105 илјади денари месечно.
Лука Андреев