Државната ЕСМ понудила повисока цена за струјата за 16%

Државната ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум понуди цена на електрична енергија од 56 евра за периодот јануари – јуни 2023 година. На јавниот повик тоа е и единствената понуда која пристигнала за снабдување на Универзалниот снабдувач за домаќинствата и малите компании. Оваа цена е за 16 отсто повисока од актуелната од 48 евра за мегават час струја која ЕСМ ја продава на приватната енергетска компанија. Трошокот за производство на еден мегават час според надлежните е 73 евра.
„За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, наведуваат од ЕВН Хоум.
И покрај ваквата понуда на државните електрани, премиерот Димитар Ковачевски уверува дека најголемиот дел од домаќинствата нема да добијат повисоки сметки за струја од следната година.
„Граѓаните нема да имаат ценовен шок на први јануари 2023 година. Дури сметам дека оние граѓани кои што најмалку трошат, кои најмногу заштедиле, а тие се во првите два тарифни блока, дека нема да имаат зголемување. Оние кои што многу трошат и кои можат тоа финансиски да го поднесат без никакви проблеми тогаш тие веројатно ќе имаат зголемување“, рече Ковачевски.
Премиерот смета дека можно е да има намалување на цената на струјата за малите компании кои се на слободниот пазар, а тие изнесуваат околу 70 илјади фирми. Во однос на долгот за струја на државните фирми кој надминува 40 милиони евра, премиерот не можеше да каже точно од каде ќе издвои пари од државната каса за да го исполни ветувањето и со народни пари да ги покрие обврските на институциите. Од владата пред неколку дена известија дека веќе се бара одговорност за дел од раководителите кои не ги подмирувале сметките за струја, но денеска Ковачевски вели дека допрва ќе се одлучува дали има простор да се бара одговорност и разрешување, бидејќи било енергетска криза која драстично ги зголемила цените на електричната енергија.
Иле Петревски