Државната изборна комисија ќе се комплетира до 28 февруари

Државната изборна комисија ќе биде комплетирана најдоцна на 28 февруари. На координација во Собранието договорено е следната недела да има седница за избор на Абдуш Демири за член на ДИК од редовите на опозицијата. Пратеникот на Движењето Беса, Фадил Зендели, рече дека повеќе не очекува пречки од парламентарното мнозинство.
„Како датум кога може да се гласа за кандидатот Абдуш Демири е 28 февруари. Тоа е за околу една недела, не повеќе. Не очекуваме потешкотии за кандидатот на албанската опозиција, особено сега кога СДСМ на состанокот на комисијата покажа подготвеност да ги почитува законските одредби за конституирање на ДИК“, рече Зендели.
Изборот на членот на ДИК се одолговлекуваше со месеци. Албанската опозиција тоа го бараше врз основа на одредбите од Изборниот законик, но Алијанса за Албанците до пред неколку недели инсистираше местото да им припадне ним. Во Комисијата за избори и именувања постапката се одолговлекува со месеци, а албанската опозиција ги алармирала набљудувачките мисии во земјава за последиците од отсуството на членови на опозицијата во институцијата која ги организира и спроведува изборните процеси.
Покрај во комисијата, процедурата се опструираше и од страна на поранешниот прв човек на Собранието, Талат Џафери, со одложување на пленарната седница, за што неколкупати реагираше албанската опозиција. За место во ДИК конкурираа 5 члена, а од трката неодамна се повлече поранешниот заменик, Зулфи Адили. Местото во ДИК остана празно по оставката на Кренар Лога од оваа функција поради неговото назначување за министер за правда.
Адриан Керими