Државниот и политичкиот врв, со честитки за најголемиот христијански празник Велигден
Државниот и политичкиот врв, со честитки за најголемиот христијански празник Велигден

Челниците на државните институции и лидерите на политичките партии го честитаа празникот Велигден. Во честитката на претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, се вели дека овој празник инспирира граѓаните да негуваат и да даваат љубов кон секого и секаде.
„Фактот дека оваа година сите христијани го празнуваат Велигден на ист датум, нека биде поттик за обединување тука, а и низ целиот свет. Верувам дека инспирирани од овој голем празник, ќе најдеме енергија и сила да ги совладаме сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво”, рече Гордана Силјановска Давкова – Претседател на РСМ.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека празниците нè потсетуваат на заедничките вредности.
„Пораката за Велигден е можност повторно да се потсетиме дека заедничките вредности како што се меѓусебната почит, солидарноста и човечката добрина се клучни за напредокот на секое општество“, рече Африм Гаши – Претседател на Собранието на РСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски во порака за честитка за верниците кои го слават Велигден, меѓу другото, изрази желба оваа празнична свеченост да донесе духовна радост, мир и благослови во секоја семејство.
„Светлината на Воскресението нека биде водич во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество“, рече Христијан Мицкоски – Премиер.
Светлината на Воскресението нека биде водич во нашите заеднички напори
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека денешниот празник дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за соочување со предизвиците.
„Симболиката на Велигден, која ја слави победата на животот над смртта, носи силна порака за важноста на меѓусебната почит и грижа. Овие вредности се темел за создавање на подобро општество за сите, преку добри дела и посветеност“, рече Венко Филипче – претседател на СДСМ.
По повод Велигден, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во неговата честитка меѓу другото напиша дека духот на соживотот можеме да го зачуваме преку меѓусебна почит меѓу сите заедници.
„Овој празничен ден е симбол на надежта, животот и победата на светлината над темнината, празник кој нè обединува околу универзалните вредности на љубовта, солидарноста и простувањето. Духот на соживотот можеме да го зачуваме преку меѓусебна почит меѓу сите заедници“, рече Али Ахмети – Претседател на ДУИ./Алсат.мк
Авни Тахири