ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДУИ бара ветинг, а судовите и обвинителствата ги полни со свои луѓе

„Не, прашањето за владеење на правото и прашањето за ветинг не треба да остане само на збор или една резолуција. Овде треба да се работи многу сериозно за во земјава да владее законот, да има вистински ветинг и прочистување на фигурите кои ќе го водат правосудниот систем“, велеше претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Advertisements

„Политиката на ДУИ била и сè уште е за да има ветинг на сите нивоа, почнувајќи од политичарите, па со судиите и обвинителите“, велеше вицепремиерот Артан Груби.

Ова е главно ветување во речиси секоја предизборна кампања на Демократската унија за интеграција, исполнета со ветувања за ветинг, но ништо конкретно не е преземено во таа насока. Напротив, пред три дена беше објавен списокот на идни обвинители и судии на земјава, кој наиде на многу критики токму поради тоа што во него се најдоа деца и членови на семејствата на високи функционери на ДУИ.

Оваа партија повеќе од 20 години е во власта и не виде за потребно да ги стави судиите и јавните обвинители на „скенер“ иако Министерството за правда во последната деценија го водеа главно министри од нејзините редови како Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери, Билен Саљији. Кога немаа министер имаа заменик. Овој пат го „напуштија“ ова министерство и при тоа не го исполнија ветениот ветинг.

Според експертот за правни прашања, Емир Куртиши, лицемерно е што политичка партија која си ги вдомува децата и блиските роднини во судството и обвинителството да ветува реформи во истото тоа судство.

„Еден вид лицемерие или дрскост е да ветувате едно нешто и да поминат толку години и не сте направиле посериозни чекори. Така во судството сме соочени со многу ниска доверба од граѓаните. Списокот кој беше објавен деновиве е доста сомнителен бидејќи, ги видов списоците, тоа се роднини или братучеди, роднини на функционери од овие институции, па не знам уште колку години ќе треба да поминат за да се направи овој ветинг“, рече Куртиши.

Но, освен ДУИ, со големи ветувања за реформи во судството во власта влегува и Алијанса за Албанците, иако три дена по објавувањето на списокот со идни судии и обвинители, тие молчеа. Денеска преку кратко соопштение наведоа дека објавениот список ја засилува потребата од ветинг во судството.

„Последните случувања само ја потврдуваат потребата од реализација на нашите определби за реформи во судството и обвинителството, закон за ветинг, реформирање на академијата како императив, зголемување на транспарентноста, како и други промени кои ќе ја оддалечат политиката од правдата и таа ќе се врати во служба на законот и граѓаните“, наведуваат од Алијанса за Албанците.

Состојбата во судството во С Македонија континуирано е цел на критики од меѓународната заедница.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button