ДУИ бара ВМРО да ги одблокира законите за автопатите
ДУИ бара ВМРО да ги одблокира законите за автопатите

Шест од осум закони предложени главно од ДУИ за олеснување на градежните процедури на Коридорот 8 и 10Д воопшто не се ставени на дневен ред во соодветните комисии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Само законот за минерални суровини доби поддршка во Комисијата за економски прашања и се очекува наскоро да биде изгласан на пленарна седница. Законот за работни односи е блокиран со илјадници амандмани во Комисијата за социјална политика. Координаторот на пратеничката група на ДУИ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека го блокира процесот, бидејќи, според него, опозицијата не сака да се градат автопати и да се реализираат капитални инвестиции во корист на граѓаните.
Запрашан дали Владата планира да ги повлече законите и да ги врати со ѕвезда на ЕУ за да избегне блокада, Адеми вели дека нивна заложба засега е продолжат започнатите процедури.
„Ја повикуваме опозицијата, затоа што се расправа само за два предлог-закони, а за шест други предлог-закони кои се предводени од кадри од опозицијата, воопшто не се закажани седници и тоа претставува флагрантно кршење на нивните обврски како раководители на соодветните комисии. Моите разговори, моите контакти се во насока на свикување на седници со други пратеници, вклучително и со опозицијата во насока на свикување на седници за да можат пратениците да дискутираат. Зошто пратениците да не дискутираат?“, изјави Арбер Адеми, ДУИ.
Но, опозицијата е решена да ги блокира предложените законски решенија поради сомневања за злоупотреба и нетранспарентност од страна на власта и нема да се откаже сè додека не го види постигнатиот договор меѓу државата и Бехтел-Енка. ВМРО-ДПМНЕ веќе упати барање пратениците со безбедносен сертификат да имаат увид во договорот, но досега немаат добиено официјален одговор.
„Се разбира, такво нешто треба да се овозможи според постапките поврзани за увид во класифицирани документи и сите пратеници во таква постапка кои имаат интерес, зошто да не бидат запознаени со договорот. Нема ништо тајно, нема ништо што пратениците не треба да го знаат, но ќе треба да ги оставиме пратениците да расправаат за предлог-законите. Не ми одговоривте, дали вие сте го виделе договорот? Не сум го видел бидејќи немам сертификат за класифицирани документи“, додаде тој.
Осумте предлог-законски измени имаат за цел да обезбедат продолжено работно време за градежните работи, скратување на административните постапки за експропријација, олеснување на процесот за експлоатација на минерални суровини, експлоатација на шумски површини, постапки за урбанистичко планирање и олеснување за добивањето дозволи за време на градежниот процес./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши