ДУИ и Алијанса молчат за реакциите околу улицата „Адем Демачи“

Четврти ден по посетата на премиерот на Косово, Албин Курти во Чаир и Тетово, ниту една од албанските партии на власт не реагира за прашањата кои предизвикаа дебата во јавноста. Од ДУИ и Алијанса за Албанците и денеска на прашањата на Алсат не одговорија кој е нивниот став за именувањето на улицата „Адем Демачи“ во Чаир, ниту за обвинувањата дека иконографијата, интонирањето на албанската химна и употребата на моноетнички симболи во Тетово промовира етничка нетрпеливост.
Од Движењето Беса велат дека овие две партии молчат за да не си ја загрозат позицијата на власт.
„Разликата меѓу премиерот на Косово и Владата на Македонија се чини дека е во самиот западен концепт наспроти влијанието на српско-рускиот концепт кој постои кај нас. Затоа реакциите се толку хистерични од нашите во власта. Она што не успеваме да го разбереме се албанските партии на власт кои во никој случај не се разликуваат од позициите на македонските партии, дури и во моментите кога се презираат елементи од албански национален карактер. Албанските политички партии и во овие случаи молчат да не им биде загрозена позицијата на власт“, рече Блерим Сејдини, Движење Беса.
ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со преименувањето на улицата „Адем Демачи“ и за тоа го обвинува премиерот Ковачевски кој пред две години од позицијата заменик-министер за финансии и самиот во Владата гласал за одобрување на 500 нови имиња на улици, меѓу кои и „Адем Демачи“.
Во петокот во земјава престојуваше косовскиот премиер Курти, кој во Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Адем Демачи“, додека од Тетово повика да се забрза изградбата на патот Тетово – Призрен. Тој се сретна само со политичари од опозицискиот блок, а со ниту еден од редовите на власта.
Фатлуме Дервиши