ДУИ: Предлог-законот за правична застапеност претставува институционална измама

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува сериозна загриженост по усвојувањето на предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата, нарекувајќи го закон што „суштински не нуди решение, туку манипулира, продлабочувајќи ги нееднаквостите во застапеноста и избегнувајќи ги уставните обврски“.
Како најсилен аларм за неуспешноста на предлог-законот, од ДУИ го посочуваат јавното дистанцирање на проф. д-р Мерсим Максути, албански член на работната група. Максути во своето издвоено мислење го оценил предлог-законот како „скандалозен, неприменлив и противуставен“. Тој го осудува отсуството на квоти за помалку застапените заедници, слабите механизми за имплементација и потпирањето на политичка волја наместо на законски обврски.
Според ДУИ, предложениот закон не гарантира никакви квоти за застапеност на етничките заедници, туку го релативизира колективното право на застапеност преку нејасни и исклучувачки критериуми како „професионалност“ и „компетентност“, исто како пред 2001 година.
Партијата исто така смета дека предложеното Координативно тело е „фарса“, без јасно дефинирано политичко водство и без реални овластувања да бара одговорност од институциите. Од ДУИ тврдат дека законот е изготвен врз интересите и идеите на Каракамишева, а не врз реалните потреби на дискриминираните граѓани, и дека е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата.
„Недостигот на санкции и правна одговорност го прави овој закон пропаганден документ, без обврзувачка сила и без реално влијание врз подобрување на застапеноста“, истакнуваат од ДУИ.