Дурмиши: Проверката на минималните технички услови за работа ќе се врши пред издавање на лиценцата за работа

Министерството за економија и труд во наредниот период ќе изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година, најави денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши. Министерството, како што рече на прес-конференција во Владата, било задолжено да започне со подготовка на измени на Законот на владината седница одржана на 18 март.
– Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат, рече Дурмиши.
Порача дека Министерството за економија и труд е посветено на гарантирање дека законот ќе се почитува и додаде дека секој кој згрешил пред законот треба да одговара.
– Граѓаните имаат право да бидат информирани на вистински начин и да побараат отчетност. Правдата што ја бараат мора да биде воспоставена, рече Дурмиши.