
Во рамки од деветтото коло во ПМФЛ, шампионот Струга Трим Љум претрпе пораз од 2-0 на гостувањето кај големиот ривал за највисок пласман, Шкупи. Свое мислење по крајот на натпреварот на „Чаир“ даде тренерот Шпетим Дуро.
„Во првото полувреме нашиот тим беше поодлучен на теренот, беше подобар од противникот и имавме две-три можности за гол. Противникот пак во ниту еден момент не нè загрози, додека во вториот дел погодокот на Шкупи ја наруши рамнотежата. Исто така и црвениот картон влијаеше на континуитетот на играта. Имаме многу, многу густ распоред. Реков дека тоа ќе се почувствува, но мислам дека на овој натпревар не требаше да загубиме“, рече Дуро.
Искусниот стратег имаше забелешки и лошите услови што ги нуди стадионот во Чаир.
„Она што сакам да го кажам е дека условите не беа добри, теренот беше во крајно скандалозна состојба која не ни дозволуваше нормално да играме фудбал, противникот подобро се аклиматизираше, особено во вториот дел“, додаде тренерот на Стуга.
Со овој пораз Струга падна на четвртата позиција на табелата со 15 бода, три повеќе од вчерашниот противник Шкупи.