ДВ: Македонска шлаканица за американската „црна листа“

Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко се дел од лицата на т.н. црна листа на САД кои ќе ги почувствуваат благодетите од минатонеделни измени на Кривичниот законик, кои покрај намалени казни ќе донесат и застарување нa повеќе судски предмети, пишува Дојче Веле.
За потсетување – еден ден откако американското Министерство за финансии го стави на „црната листа“ на САД бизнисменот Јордан Камчев, американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, на прес-конференција (20-ти јули) говореше од каква важност за РСМ е справувањето со криминалот и корупцијата.
„За Северна Македонија да ги надмине предизвициите што следат и да ја исполни целта за просперитетна, продуктивна и ценета членка на ЕУ, коруцпијата не може туку така да минува. Корумпираните мора и ќе одговараат како што ова назначување и покажува“, рече амбасадорката на САД.
Таа истакна дека „интересно е да се види кои и какви чекори ќе следат“, алудирајќи на македонските надлежни институции.
Блупринт групата на граѓански организации која реагираше на измените, посочи дека тие ќе имаат влијание врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство. Опасност од настапување на апсолутна застареност постои кај предметите Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.
Токму на овие предмети се осврна холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, кога на крајот од мај отворено кажа дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.
Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин стигна во Скопје токму во екот на реакциите за измените на Кривичниот законик.Во синоќешното интервју на ТВ 21 тој рече дека е изненаден од нивното изгласување.
„Прво бев изненаден. Ова е голема работа. Ја направија ќутенката. Навистина многу се зачудивме. Потоа се потрудивме да го дознаеме вистинскиот контекст и да имаме основни познавања на темата. Искрено, се уште не сме изградиле мислење. ЕУ ќе сака да даде свое мислење оти Комисијата ги проверува и заштитува договорите. Но ова е голема работа. Многу случаи ќе се работат според новата легислатива. (…) Можеби и се неопходни промени на казнениот систем, но неказнивоста не е опција. Ако сакате да влезете во ЕУ по пат кој се коси со стандардите на ЕУ, тоа нема да заврши успешно“, рече Сарацин.
Извор: Дојче Веле