Дваесет и две години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Пред дваесет и две години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Во рамки на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по втор пат ја организира Школата за млади лидери „Пис форум дијалог“ (Peace Forum Dialogue) (ПФД) со над 80 учесници.
Како што соопштуваат од Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби преку (ПФД) на младите им се дава можност да стекнат знаења за функционирањето на политичкиот систем во земјата, спроведувањето на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, управувањето со конфликти, градењето мир, социјалната кохезија, консензуалната демократија, градењето мир и соживот меѓу етничките заедници и интеграција на граѓаните во јавниот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.