Дваесет и седум пациенти се транспортираат во болници во соседните држави, велат од Здравство

Дваесет и седум повредени во пожарот во Кочани ќе бидат транспортирани во здравствени установи во соседните држави, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во моментот се организира авионски транспорт за најтешко повредените.
Според информациите, пет пациенти се упатуваат на лекување во Бугарија, од кои двајца се од хируршката клиника ,,Свети Наум Охридски” и тројца од ТОАРИЛУЦ.
Во Турција на лекување ќе се упатат тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ и шест од ГОБ ,,8 Септември”.
Од Здравство велат и дека за Грција со возила на итната медицинска помош се транспортирани тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ.
Во болници во Бугарија и во Србија, од министерството велат дека ќе бидат транспортирани по пет пациенти.
Претходно и од Владата информираа дека осум од тешко повредените пациенти во моментов се на Меѓународниот аеродром „Скопје“ од каде што ќе бидат пренесени во болниците „Пирогов“ во Софија и Варна во соседна Бугарија.