Дваесет питомци од Воената академија побарале лекарска помош на Инфективно
Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје, информираат од Министерството за одбрана.
Оттаму, преку соопштение испратено до медиумите, посочија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.
„Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, каде што од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и тој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единицата. Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде што биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Од страна на Министерството за здравство било побарано Воено-медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.