Две години од несреќата кај Ласкарци

Автопат Скопје – Тетово. На 13 – февруари 2019 – та година на ова место од патот излета автобус на гостиварскиот превозник „Дурмо Турс“.
Автобусот полн со патници кои се враќаа од Скопје, се преврте. Падна преку потпорен ѕид висок неколку метри. Заврши во нива покрај локалниот пат кон Тетово. Освен повредени, несреќата однесе и човечки животи.
Пред точно две години во селото Ласкарци се случи кобна автобуска несреќа. Загинаа 16 патници кои од Скопје се враќаа во Тетово и Гостивар. Автобус на компанијата „Дурмо Турс“ се преврте и падна во нива.
Жителите на Ласкарци се сеќаваат на трагедијата за која велат како да се случила вчера, а не пред две години. Музафер Зибери е првиот кој стигнал до превртениот автобус. Им помогнал на дел од повредените кои очајно барале помош. Во болница го однел и возачот на автобусот.
„Никогаш нема да ја заборавиме таа слика. Таа слика секогаш кога доаѓа годишнината, ни излегува пред очи она што го видовме на лице место на несреќата. Беше страшна глетка…“, рече Музафер Зибери, очевидец на несреќата.
Семир Фета припадник на АРМ на 13 февруари преклани бил дома во Ласкарци. Дознал дека автобус излетал од автопатот. Излегол и стигнал на местото на несреќата. Таму веќе биле многу од соселаните.
„Кога стигнавме тука имаше една трагична слика. Многу повредени. Не можам да го опишам тој момент. Тежок момент. Почнавме да ги вадиме луѓето од автобусот. Некои на почеток почнаа да носат луѓе со своите автомобили во болница“, вели Семир Фета, очевидец на несреќата.
Последните патници биле извлечени околу осум часот вечерта, односно три часа по несреќата. А, две години потоа сè уште нема судски пресуди. Обвинети се шест лица. Меѓу нив и сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бељули, како и возачот на автобусот. Семејствата на загинатите многу пати досега реагираа дека не се задоволни од динамиката на процесот бидејќи очекувале судска завршница во разумен рок.
Бојан Стојановски