
Ракометарките на Македонија ќе се судрат со селекцијата на Полска во реванш дуелот од баражот за Светското првенство. По поразот на гостински терен од четири разлика (18-22) сега нашите ракометарки се на потег да се обидат да изненадат против фаворитот во Битола.
Во пресрет на натпреварот селекторите ги одбраа своите адути. Нема изненадувања во тимот на Македонија, а очекувано и најавено беше дека селекторот Кристијан Грчевски нема да може да смета на Ивана Арсениевска и Леонида Гичевска, двата бека кои заработија повреди во репрезентативниот камп.
Овој меч ќе биде последен во репрезентативниот дрес за Јована Саздовска и Симона Маџовска. Крилото веќе објави повлекување, ама се врати да помогне во баражот, додека бекот реши простувањето од националниот дрес да го има пред своите битолчани.
Натпреварот ќе се одигра во салата „Боро Чурлевски“, а се очекува одлична поддршка и речиси полни трибини за девојките во 19:00 часот.