Две жртви во пукање во скопско Волково, повредено и едно дете

Двајца мртви и неколку повредени во скопско Волково, откако утрово се случил инцидент со пукање од огнено оружје, потврдуваат од МВР. Неофицијално, инцидентот се случил откако кираџија со неколку истрели го усмртил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и неговиот малолетен син. Полицијата информираше дека убиецот е еден од починатите.
Околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н, информираа од МВР.
Повредениот малолетник е хоспитализиран на КАРИЛ, потврди директорката на клиниката, која рече дека истиот е во стабилна состојба.
„Пред неполни 10 минути е примен пациент којшто е ранет од огнострелно оружје. Во моментот се прават иследувања кај тој пациент. Генерално, состојбата е релативно стабилна и пациентот после испитувањата ќе продолжи со лекување веројатно на клиниката за пластична хирургија“, изјави Марија Срцева Јовановски, директорка на КАРИЛ.
На терен пак увид е извршен од јавен обвинител, а дополнително ќе се врши вештачење на оружјето кое е пронајдено на местото на настанот.
„Јавен обвинител, полициски и други увидни екипи вршат увид на лице место и ги преземаат сите дејствија за расчистување на настанот. Издадена е наредба за обдукција на телата на двајцата починати. Од лице место е подигнато оружјето кое ќе биде предмет на вештачење. Ќе се вршат балистички и други вештачења со цел да се утврдат сите околности на настанот“, велат од ОЈО.
Повеќе информации од надлежните органи се очекуваат по целосно завршување на постапката.
Михајло Донев